Денес, 7-ми април 2015 година (вторник), во рамките на цивилно-воената соработка на АРМ со цивилните структури, беше организирана посета на касарната „Илинден“ во Скопје и Генералштабот на АРМ од страна на учениците од Основното училиште „Браќа Миладиновци“ од општина Аеродром во Скопје.
Ова беше одлична прилика за педесеттина ученици од петто одделение на Основното училиште „Браќа Миладиновци“, да ја посетат касарната „Илинден“ каде најпрвин припадниците на баталјонот за почести пред нив ја изведоа точката „Егзерцир“. Младите посетители имаа можност да се запознаат со опремата и дел од работните обврски и задачи кои ги извршуваат припадниците на баталјонот на Воена Полиција.
Посетата на најголемата касарна на АРМ, учениците ја завршија со дружење со припадниците на баталјонот за Специјални намени од составот на пСО, каде имаа прилика да ја посетат спомен собата на единицата.
Во вториот дел од посетата, учениците престојуваа во просториите на МО и ГШ на АРМ, каде се запознаа со задачите и функциите на двете институции и да ја разгледаат поставката на фотографии од учеството на припадниците на АРМ во мисиите надвор од Република Македонија.
На крајот од посетата, во знак на благодарност учениците подарија рачно изработен колаж слики со текст, посветени на МО, ГШ на АРМ и припадниците на АРМ од касарната „Илинден“.