Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој се наоѓа во тридневна работна посета на Естонија, во текот на денешниот ден учествуваше на редовната Конференција на Воениот комитет (ВК) на НАТО која се одржува во Талин, Естонија.
На Конференцијата, согласно агендата, под раководство на претседавачот на ВК, адмирал Роб Бауер во присуство на врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генерал Кристофер Каволи и командантот на Врховната команда за трансформација, генерал Филип Лавињ во издвоени сесии е дискутирано за повеќе теми поврзани со воено стратегиските случувања во рамки на Алијансата.
Притоа во една од сесиите е дискутирано за НАТО предводените мисии и операции, меѓу кои и операцијата на НАТО во Косово (КФОР) во која Армијата на Република Северна Македонија учествува со свој контингент.
Воедно, началниците на Генералштабови се осврнале и на спроведувањето на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Мадрид, поврзани со политиката на НАТО за одбрана и одвраќање, како и за промоција на разновидноста и иновациите во сојузничките вооружени сили, со цел поддржување на различни домени во изведување на операциите, како и за дигиталната трансформација.
Генералот Ѓурчиновски во текот на престојот во Талин, оствари средби со началниците на Генералштабови на Армиите на Италија, Франција, Норвешка, Романија, Грција и Бугарија на кои е разговарано за теми од билатералната воена соработка и понатамошните активности.
Ова е редовно заседание на Воениот комитет на НАТО на ниво на началници на Генералштабови кои се состануваат двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел, а еднаш годишно се среќаваат во една од земјите членки. На оваа сесија за прв пат на Конференцијата присуствуваа во улога на поканети и началниците на Генералштабовите на Армиите на Финска и Шведска.