Во период од 03 до 05-ти јуни во Тирана, Р. Албанија, заменикот на началникот на Генералштабот (ЗНГШ) на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, учествува на годишниот состанок на замениците на началници на Генералштабови во рамките на процесот на соработка меѓу Министрите за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ).
На состанокот учесниците од земјите-членки и претставниците од меѓународните организации дискутираа за прашања од заеднички интерес и воено политичката соработка во регионот, важноста на напорите за зајакнување на ефективноста на Мултинационалните мировни сили на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) како инструмент за активен придонес кон безбедноста, соработката и стабилноста во рамките на СЕДМ процесот, ангажманот на СЕЕБРИГ во различни активности, вклучувајќи обука и операции и консолидација и оптимизирање на односите со меѓународните организации.
Во оваа прилика замениците началници на Генералштабовите потврдија дека земјите го финализираа и потпишаа документот за локацијата на Командата на СЕЕБРИГ и табелата на критичните ротациски места.
Генералот Сејдини во своето обраќање истакна дека Република Македонија е цврсто посветена на унапредување на регионалната соработка и натамошното јакнење на дијалогот во регионот, притоа наведувајќи дека СЕЕБРИГ е еден од најзначајните проекти во рамките на СЕДМ и затоа мора да се продолжи да се вложува во нејзиниот развој.
ЗНГШ на АРМ, потенцира дека Република Македонија останува доследна на своите ставови по однос на учеството на оваа бригада во операциите предводени од НАТО, ЕУ или ООН. Генералот, земајќи ги предвид современите безбедносни предизвици и константни промени во безбедносното опкружување, истакна дека е потребно постојано прилагодување на овој процес, а изработката на СЕДМ Стратегискиот преглед како основа е правилен чекор кој ќе понуди вистински одговор во процесот на донесување на одлуки.
На крајот на својот говор, генералот Сејдини и се заблагодари на Романија за одличната соработка за време на нејзиното претседателство со Секретаријатот на СЕДМ – координативниот комитет и политичко воениот управен комитет на СЕЕБРИГ и им посака успех во работата на идните претседавачи со Секретаријатот, Р. Турција.