Заменикот на началникот на Генералштабот (ЗНГШ) на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, денес на 11.06.2025 година, учествуваше на годишниот состанок на замениците на началници на Генералштабови, во рамките на процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ).
Состанокот кој се одржа во Софија, Република Бугарија, со пригодни обраќања го отворија заменикот претседавач на СЕДМ, г-ѓа Виолета Николеску, заменик министерот за одбрана на Република Бугарија, г. Радостин Илиев и заменик началникот на Генерлштабот на Република Бугарија, генерал – потполковник Михаил Попов во улога на домаќин на овогодинешниот состанок.
Генералот Нуредин во своето обраќање најпрво се наврати на 25 годишниот јубилеј на СЕЕБРИГ, нагласувајќи дека тоа претставува доказ за колективната заложба на Земјите членки, кои со нивната постојаност обезбедуваат оперативен успех на Бригадата за југоисточна Европа. При ова генералот истакна дека императив на овој процес остануваат во областа на мировните операции, хуманитарната помош, помош при катастрофи, како и приспособливост кон новите регионални и глобални предизвици.
Генералот Нуредин потенцира дека Армијата останува посветена на зајакнување на интероперабилноста, поддршка на заедничките иницијативи и одржување на принципите на мир, стабилност и соработка што го поддржуваат СЕДМ процесот.
СЕДМ е регионален процес за одбранбена соработка, започнат во 1996 година во Тирана, Република Албанија со цел унапредување на безбедноста во Југоисточна Европа. Преку промовирање добрососедски односи, зајакнување на заедничките одбранбени капацитети и поврзување со евро-атлантските институции, СЕДМ придонесува за стабилен регион.
Овој процес денес брои шеснаесет нации полноправни членки.