генерал-полковник Методи Стамболиски
Роден е на 10 април 1947 година во село Мачево, Берово, Р. Македонија, од татко Јован и мајка Вангелија. Во долгогодишен брак е со сопругата Данка (1952), татко е на две деца, синот Оливер (1975) и ќерката Наташа (1973), а дедо на внуките Софија (2010) и Луна (2015).
По завршувањето на осумгодишно основно училиште, завршил и гимназија во Берово во 1966 година, по што продолжил да се образува на Воената академија на Копнената војска на ЈНА во Белград и Сараево и истата ја завршил во 1970 година. Командно-штабна академија завршил во 1982 година, Командно-штабна школа за оперетика завршил во 1988 година.
Во чин артилериски потпоручник е произведен во 1970 година. Во чин поручник бил унапреден во 1973 година, а во чин капетан во 1975 година. Чин капетан 1.класа добил во 1978 година, а во чин мајор е унапреден во 1982 година. Четири години подоцна, во 1986 година бил унапреден во чин потполковник, во чин полковник во 1991 година, во чин бригаден генерал во 1997 година, во чин генерал-мајор во 2000 година, во чин генерал-потполковник во 2001 година и во чин генерал-полковник унапреден е во 2003 година.
Во својата кариера службувал во два различни гарнизони на ЈНА, Рашка (1970-1990) и Урошевац (1990-1992). На 23 март 1992 година, ја напуштил ЈНА и стапил на служба во АРМ, службувајќи во гарнизоните: Скопје (1992-1996) и (2000-2005), Битола (1996-2000) и Велес (2000). Во текот на службата извршувал повеќе должности:
- Командир на вод (1970-1971);
- Командир на батерија (1971-1978);
- Заменик командант на мешовит артилериски полк (1978-1980);
- Командант на мешовит артилериски полк (1982-1990);
- Командант на мешовит артилериски полк, воедно и командант на гарнизон
- Урошевац (1990-1992);
- Началник на оперативно одделение во управата за борбена готовност во ГШ на
- АРМ (1992-1994);
- Командант на 3. Армиски корпус (1994-1995);
- Командант на 2. Армиски корпус (1995-1999);
- Командант на гранична бригада (2000);
- Началник на Г-3 во ГШ на АРМ, одговорен за планирање, обука и борбена
- готовност на армијата (2000-2001);
- Заменик на началникот на ГШ на АРМ во 2001 година;
- Началник на Генералштабот на АРМ (2001-2004);
- Советник за воени прашања на Претседателот на Р. Македонија (2004-2005).
Како награда за својата професионалност во извршувањето на задачите и обврските како висок воен старешина, особено за посветеноста и залагањето во унапредувањето на борбената готовност на армијата и армиските процеси, повеќепати во својата кариера добивал пофалби, награди и признанија, а меѓу другото е одликуван и со:
- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви во 1972 година;
- Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда во 1979 година;
- Орден за воени заслуги со златни мечеви во 1983 година;
- Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда во 1987 година;
- Медал „Легија на честа” од Министерството за одбрана на САД во 2003 година.
Пензиониран е во јули 2005 година, а денес живее со семејството во Скопје.