Денес со воена свеченост се одбележа 13 ноември, Денот на Инженерискиот баталјон (инжб), од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр).
По повод денот на единицата се обратија командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски и командантот на инжб, потполковник Ласте Ѓорѓиев.
Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, во својот говор најпрво ги поздрави присутните гости, а потоа зборуваше за улогата на единицата од самото нејзино формирање, па сѐ до денес. Исто така нагласи дека од полноправното членство во НАТО алијансата, инжб заедно со останатите единици во 1.пбр продолжува да биде круцијална борбена сила и ударна тупаница на Армијата. Тој потсети дека посебно место зазема опремувањето со модерна и софистицирана опрема согласно НАТО стандардите, како и ставањето во оперативна употреба, прием и обука со новата опрема од европските мировни фондови и учеството во мисиите и вежбите. На крајот на своето обраќање, командантот на 1.пбр нагласи дека инжб учествува во деминирање на трасата од автопатот Прилеп – Битола, активност која е од државен интерес, порамнување и проширување на патишта низ целата држава, чистење на речни корита и друго.
Командантот на инжб, потполковник Ласте Ѓорѓиев истакна дека прославувајќи го денот на инженериската единица, чувството на почит и гордост кога им се обраќа на присутните пред стројот е големо, бидејќи големи се и делата од досега постигнатото и сработеното. За тоа говорат трајните дела на инженерците, а заслужни се сите припадници на инжб кои работат напорно, посветено и професионално. Притоа потполковник Ѓорѓиев истакна „Денес, кога се одбележуваат 80 години од формирањето на инженериската бригада на Генералштабот на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, денот ги оживува настаните од нашето историско минато, денот на ослободувањето на главниот град Скопје, чиј носител на традициите е токму инжб. Извршувањето на мисијата беше и останува исто – да ја браниме и градиме државата и да ја сочуваме нејзината независност и слобода со сите сили и средства“.
На свеченоста присуствуваа командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Бесник Емини, началникот на штаб во КО,бригаден генерал Мирче Ѓоргоски. Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници од КО и 1.пбр, активни и пензионирани генерали на Армијата, команданти на единици и поранешни команданти и припадници на Инженерискиот баталјон.
По повод Денот на единицата, беа прочитани наредби за унапредување и стимулативни мерки за постигнатите резултати во работата и подигнувањето на борбената готовност. За најдобар вод беше прогласен првиот вод од четата за инжинериска поддршка, под водство на поручник Билјана Стојановска.
На поранешните команданти и пензионирани старешини од инжб, по повод јубилејот, им беа доделени плакети со логото на единицата, а беше реализиран и тактичко –технички збор на опремата и средствата со кои располага единицата.
Во рамките на одбележувањето на Денот на инжб, припадниците на баталјонот, во соработка со Црвениот крст, реализираа крводарителска акција и донација на школски прибор за децата од основното училиште „Синиша Стоилов“ во село Зрновци.
По повод Денот на единицата, од страна на командантот на Командата за операции беше отворена спомен-соба на Инженерискиот баталјон.
ГЃ/ДЧ