Во касарната „Народен Херој Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, со полагање свежо цвеќе пред спомен плочата пред командата на гарнизонот Тетово, се одбележаа осумнаесет години од загинувањето на припадници на безбедносните сили од гарнизонот Тетово во конфликтот во 2001 година.
Припадниците на Армијата вработени во гарнизонот Тетово, оддадоа почит кон ликот и делото на загинатите, а командантот на гарнизонот Тетово, потполковникот Изеир Ејупи во неговиот пригоден говор истакна: „Денес сме собрани на ова место да оддадеме почит на шесте припадници од гарнизонот Тетово кои ги положија животите за одбрана на својата татковина за време на конфликтот во 2001 година. Исак, Николче, Пеце, Влатко, Благоја, Блашко!. Вие покажавте што значи да се биде патриот и како треба, со целото свое битие да се сака сопствената татковина. Наша обврска е никогаш да не заборавиме на вашиот херојски подвиг со кој ги задолживте сегашните и сите идни генерации на Армијата“.
Пред спомен обележјето во касарната, свежо цвеќе положија делегации од командата на прва механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), единиците стационирани во гарнизонот Тетово, сојуз и здружение на борци, бранители, ветерани, воени инвалиди и семејствата на загинатите.
ГЃ/ЧС