Денес 28-ми Март, со навршување на 18 години од трагичното загинување на капетан 1 класа Љупчо Мирчовски (тогашен Командант на баталјонот на Воена полиција), во касарната „Илинден“, пред командата на баталјонот на Воена полиција (бВП) на спомен обележјето подигнато во негова чест, беше положено свежо цвеќе и изразено сочувство на семејството на загинатиот командант.
Свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатиот командант положија делегации од Здружената оперативна команда, Секторот служба за воена безбедност и разузнавање, полкот за специјални операции, претставници на единиците сместени во касарната „Илинден“, претставници на единиците при МВР, членови на потесното семејство на загинатиот командант, припадници на резервниот состав на бВП, роднини, пријатели и др.
Пред присутните за ликот и делото на капетан 1 класа Љупчо Мирчовски, говореше командантот на единицата, потполковник Кире Николовски, за неговите позитивни особини и упорноста во работата, како и во извршувањето на поставените цели и обврски во градењето на имиџот и афирмацијата на единицата.