Во касарната „Јане Сандански“ во Штип со воена свеченост беше одбележан „17 Септември“, Денот на 2.пешадиски баталјон (2.пб) од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр).
На свеченоста присуствуваа командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски со дел од персоналот на командата и штабот на бригадата, командантите на потчинетите единици, градоначалници во зоната на одговорност, раководители на јавни институции, поранешни припадници на единицата како и ученици од основни училишта во Штип.
Пред стројот на единицата и присутните гости на свеченоста, пригодно обраќање имаше заменикот на командантот на 2.пб, потполковник Митко Попов, кој во својот говор се осврна на историскиот пат на 14-та ММНОУ (14-та Младинско македонска народно ослободителна ударна бригада) „Димитар Влахов“, формирана во 1944 година во селото Митрашинци, чии традиции ги продолжува овој баталјон. Силата на оваа единица доаѓа од храброста и чесноста на припадниците кои професионално и достоинствено и служат на Армијата под мотото ЧЕСТ И СИЛА. Меѓу другото тој истакна: „Нашата единица 2.пб како основа за формирање на ЛПБГ (лесна пешадиска баталјонска група) ќе продолжи кон нови достигнувања“.
Во својот говор пред присутните, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски истакна: „Ви го честитам Денот на 2.пб и ви оддавам огромна благодарност за се што оваa единица има постигнато во изминатиот период во извршувањето на задачите и мисиите надвор од земјата заедно со останатите партнери и членки на НАТО, со надеж дека така ќе се продолжи и во наредниот период“.
По повод денот на единицата беше положено и свежо цвеќе на спомен-обележјето „Македонија“ во касарната „Јане Сандански“ Штип во чест на припадниците од 2.пб кои ги положија своите животи во конфликтот во 2001 година.
Во рамки на одбележување на денот на единицата за најдобар вод за изминатата година беше избран извидувачкиот вод од командната чета, беа наградени и пофалени офицери, подофицери и професионални војници и беа доделени благодарници на институциите и здруженијата со кои единицата има одлична соработка при извршувањето на работните обврски и задачи.
Свеченоста со свој музички настап ја збогатија женскиот гитариски квартет „The Queens“ од Домот на култура Виница и „Градскиот дувачки оркестар“ од Штип.
Крајот на свеченоста беше одбележан со свечено дефиле на припадниците од 2.пб, а присутните гости имаа можност да се запознаат со опремата и средствата со кои располага единицата.
ИН/ГЃ/СЛ