Припадниците на 1.пешадиски баталјон (1.пб), од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр), традиционално го одбележаа денот на загинувањето на народниот херој Чеде Филиповски – Даме, чие име го носи касарната во гарнизонот Кичево.
По повод патронатот делегации од Армијата и делегација на Сојузот на борци на Општина Кичево положија свежо цвеќе пред бистата на народниот херој Чеде Филиповски – Даме, која се наоѓа во алејата на великаните во кругот на касарната.
Командантот на 1.пб, потполковник Зоранче Ристовски во својот говор се наврати за животниот пат на народниот херој Чеде Филиповски – Даме, за богатата воено политичка кариера, за човекот кој секогаш се борел за правда и слобода за својот народ, да се сеќаваме на минатото со благодарност и да ја живееме сегашноста со ентузијазам за подобра иднина.
На патронатот присуствуваше заменик-командантот на 1.пбр, полковник Стеван Наумоски, придружуван со персонал од командата и штабот на бригадата.
Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, со почит и благодарност ги продолжуваме традициите на нашето минато, се поклонуваме на народниот херој Чеде Филиповски – Даме и наша одговорност е да остане во меморијата на идните генерации.
ГЃ/СН