По повод шеснаесет годишнината од загинувањето на припадниците на безбедносните сили од гарнизонот Тетово во конфликтот во 2001 година, во касарната „Народен Херој Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, се реализираше одбележување на помен на загинатите и полагање на свежо цвеќе.
Припадниците на АРМ вработени во гарнизонот Тетово, пред спомен плочата која е поставена пред командата на гарнизонот Тетово во нивна чест, достојно оддадоа почит кон ликот и делото на загинатите, а командантот на гарнизонот Тетово потполковникот Игор Спасеноски одржа пригоден говор. Покрај останатото, потполковникот Спасеновски истакна: „Нивната жртва за Македонија останува во трајно сеќавање меѓу нас и нашите идни поколенија, затоа што со својата длабока и широка човечност, несебичност и другарство, овие личности го пленеа и освојуваа секого и ни покажаа како треба да се сака и брани својата татковина. Нека Ви е вечна слава јунаци!“.
Делегации од претпоставената команда, гарнизонот Тетово, претставници на здруженијата на борци, сојузот на резервни офицери, воени ветерани и воени инвалиди и семејствата на загинатите, положија свежо цвеќе на спомен обележјето во касарната „Народен Херој Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово.
Со денешното одбележување на помен во чест на загинатите безбедносните сили од гарнизонот Тетово, припадниците на АРМ и останатите гости оддадоа почит кон нивниот патриотизам, храброст и несебичност на загинатите во заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.