Припадници од четвртата бригада за советување и асистенција (4.SFAB) на Армијата на САД, во касарната „Јане Сандански“ во Штип ја посетија најголемата декларирана единица во Армијата на Република Северна Македонија- лесниот пешадиски баталјон.
Припадниците на Армијата на САД за време на посетата се запознаа со формациската поставеност на единицата, тековните активности, предвидените планирани содржини кои ќе се реализираат во текот на годината како и со набавката на потребната опрема и модернизација која ќе соодејствува со стандардите на НАТО Алијансата.
По завршување на брифингот, во придружба на командантот на вториот пешадиски баталјон, потполковник Стојанче Костов и командантот на првата пешадиска бригада, бригаден генерал Бесник Емини, посетителите се запознаа и со дел од опремата и вооружувањето на единицата, по што припадниците на баталјонот реализираа показна вежба „ Патролирање на пешадиско одделение, реакција и извлекување на контакт“.
Заедничкиот заклучок од посетата е дека и во понатамошниот период преку менторирање и поддршка на лесниот пешадиски баталјон од страна на Вооружените сили на нашиот стратешки партнер и заедничките вежбовни активности, најголемата декларирана единица ќе ги достигне високите НАТО стандарди.