На денешната свеченост во касарната „Јане Сандански“ во Штип, со свечено предавање на военото знаме на баталјонот се изврши прием на должноста командант на втор пешадиски баталјон (2.пб) од составот на Прва пешадиска бригада (1.пбр) воедно командант на касарна.
Командантот на 1.пбр бригаден генерал Сашко Лафчиски го предаде военото знаме на единицата на потполковник Зоран Сумрачки кој ја презеде должноста командант на 2.пб и воедно командант на касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Командантот на 1.пбр бригаден генерал Сашко Лафчиски во својот говор истакна дека е чест да се биде командант на баталјон во Армијата, но честа да се биде командант во баталјон во 1.пбр е достигнување со додадена вредност и привилегија. Вториот пешадиски баталјон е декларирана НАТО единица и е цел на способност од прв приоритет на Армијата.
Новиот командант, потполковник Зоран Сумрачки се заблагодари за довербата која му е дадена за оваа одговорна функција и истакна дека ќе продолжи да работи посветено. Неговиот фокус ќе биде на обуката насочена кон одржување на постигнатото ниво со кое се исполнуваат прифатените НАТО цели на способност.
На свеченоста присуствуваа и началникот на штаб во Команда за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, пензионирани генерали, поранешни команданти на единицата, команданти на потчинети единици во 1пбр, градоначалници и претставници на локални самоуправи во зона на одговорност на единицата, претставници на јавни установи и останати гости.
ИН/ГЃ/ЧС