Во касарната „Чојлија“, со воена свеченост и предавање на военото знаме се изврши примопредавање на должноста командант на инженериски баталјон (инжб) од составот на 1. пешадиска бригада (1.пбр) од Командата за операции.
Должноста командант на инжб од потполковник Илчо Заковски ја прими мајор Ласте Ѓоргиев, кој досега ја извршуваше должноста началник на штаб во инжб.
На свеченоста, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, покрај другото истакна „Да се застане на чело на ваква единица, со припадници кои се високо мотивирани, професионални, обучени и компетентни, потребен е командант кој што поседува исклучителни лидерски вештини и способности, додека припадниците на инжб се господари на својата професија и ја уживаат довербата секаде каде ќе се појават, кога се дома, кога се справуваат со последиците од елементарните непогоди и кога се во странство при учество на меѓународни мисии и вежби. Мајор Ласте Ѓоргиев го презема баталјонот во исклучително важен период на завршно преструктуирање на единицата, со цел соодветен одговор на предизвиците произлезени од нашето членство во НАТО“. Бригадниот генерал Лафчиски им упати честитки на досегашниот и на новопоставениот командант.
Досегашниот командант, потполковник Илчо Заковски, се заблагодари на персоналот од единицата за укажаната поддршка во текот на неговото извршување на должноста, додека новопоставениот командант истакна дека крајно совесно и одговорно ќе командува со единицата и се заблагодари за довербата која му е дадена за оваа должност.
Од припадниците на баталјонот на досегашниот командант му беше врачена плакета со логото на единицата.
На денешната свеченост присуствуваа началниците на секции од командата на 1.пбр, команданти на единиците од составот на 1.пбр, команданти на единиците од составот на КО, поранешни команданти на единицата и останати гости.
ГЃ/СЛ