Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со воена свеченост припадниците од 1 механизиран пешадиски баталјон (1.мпб) го одбележаа „26-ти Февруари, Денот на единицата“.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, 26-ти февруари е одреден за Ден на првиот механизиран пешадиски баталјон, како датум со кој се одбележува значаен историски настан, поврзан со денот на формирањето на третата Македонска ударна бригада, а врз кој аедно со други важни датуми од историјата, се темелат традициите на АРМ.
Пред гостите, пригодно обраќање имаше Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Зоран Милески кој истакна дека единицата ќе продолжи да ги негува традициите на Третата МУБ која за херојските дела на своите припадници е одликувана со три ордена, а девет нејзини припадници се прогласени за народни херои. Понатаму истакна дека припадниците од 1.мпб благодарение на ентузијазмот и знаењето преставуваат мобилен и ефикасен баталјон подготвен да одговори на потребите и предизвиците кои ги носи новото време, како што е актуелната бегалска криза.
Командантот на 1.мпб потполковник Лулзим Нуредини даде краток осврт на историскиот развој на 1.мпб, и истакна дека да е посебна чест и обврска да се продолжи со негување на традициите на Трета МУБ и дека е горд на постигнатите резултати на припадниците на 1.мпб, препознатливи по својата вредна и пожртвувана работа.
На свеченоста присуствуваа, Командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, Заменикот на командантот на ЗОК бригаден генерал Павле Арсоски, Началникот на штаб во ЗОК бригаден генерал Азим Нуредин, Командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), бригадниот генерал Зоран Милески, команданти и командири од единиците на АРМ, поранешни команданти, припадници на единицата, претставници од сојузот на борците, како и претставници од локалната самоуправа, јавни и приватни претпријатија и други гости.
По повод Денот на единицата беа доделени стимулативни мерки и прочитани честитки за Денот на единицата, а врз основ на критериумите и спроведените интерни процедури беше избран најдобар вод во баталјонот на кој му беше предадено пехар и знаме за најдобра единица.
Во пресрет на одбележувањето на денот на единицата на ден 23.02.2016 година Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Зоран Милески, заедно со припадниците од командата и штабот и клучниот персонал од единицата, реализираа посета на НУ Музеј Куманово, каде има можност да се запознаат со документите и знамето на Трета Македонска Ударна Бригада, кои се изложени во музејот.
По повод одбележување на 26-ти Февруари, Денот на единицата во рамките на прославата делегација од единицата изврши полагање на свежо цвеќе пред спомен плочата во с. Жегљане. По завршување на официјалниот дел единиците продефилираа пред присутните.