На 3 јули 2026 година, во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, се одржа свеченост по повод одбележувањето на „5 Јули – Ден на Хеликоптерскиот сквадрон (Хс)“. Со свеченоста беше одбележан денот на единицата, како и нејзиниот значаен придонес во развојот и извршувањето на задачите на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) и Армијата.
На настанот присуствуваа командантот на вВИНГ, полковник Драган Павловски, претставници од Генералштабот на Армијата, Командата за операции, единиците на Армијата, како и претставници од М-НАВ.
Пред присутните се обрати заменик-командантот на Хеликоптерскиот сквадрон, мајор Анѓел Владимиров, кој истакна дека 5 Јули претставува симбол на традицијата, професионализмот и континуитетот на единицата. Тој потсети дека токму на овој датум во 1994 година првата целосно македонска посада го реализирала првиот лет со хеликоптер Ми-8/17 на територијата на државата. Тој нагласи дека Хс, како носител на најголемата ударна борбена моќ од воздух во Армијата е подготвен да одговори на сите предизвици преку обезбедување воздухопловна поддршка на армиските единици, како и поддршка на цивилното население при справување со елементарни непогоди и други кризни состојби. Притоа потенцираше дека секој успешно реализиран лет и задача се резултат на тимска работа, дисциплина, знаење и пожртвуваност на сите припадници на единицата.
Командантот на вВИНГ, полковник Драган Павловски, во своето обраќање направи историски осврт на развојот на Хс, истакнувајќи го неговиот континуиран развој. Тој ја поврза досегашната успешна работа на единицата со актуелниот процес на модернизација на Армијата, нагласувајќи дека имплементацијата на договорите за набавка на повеќенаменски хеликоптери од типот АW149 и AW149M претставува премин кон нова модерна компонента која бара синхронизираност на програмите за обука и поинаква поставеност. На крај од своето обраќање, полковник Драган Павловски им оддаде признание на сите припадници на Хеликоптерскиот сквадрон за сите успешни завршени летачки задачи.
Во рамки на свеченоста, на заслужните припадници на единицата им беа доделени стимулативни мерки како признание за постигнатите резултати, покажаниот професионализам и посветеноста во извршувањето на службените задачи.








