Во периодот од 23. до 28.02.2014 година во Центарот за обука “Рудолф Перишин” во Задар, Република Хрватска, пет припадници од баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бвнј) од воздухопловната бригада (вбр) учествуваа на курс за “Mase Remote Console”.
Обуката е дел од билатералната соработка со вооружените сили на Република Хрватска која оваа година по петти пат се спроведува со персонал од бвнј.
Целта на овој курс е обука на кандидати за основни функции и принципи за работа на конзола за набљудување, идентификување и обработка на податоци за цели во Воздушниот простор („Mase Remote Console“), како и оспособување за самостојно користење на истите.
Практичната обука се одвиваше директно на конзолите за набљудување и контрола на воздушниот простор со користење на софтверски алатки на “MASE REMOTE CONSOLE”. Во текот на курсот се реализирани повеќе теоретски проверки и тестирања на знаењето кои учесниците од бвнј го положија со успех.
Последната група која што го посетуваше курсот беше во состав капетан Љуљзим Исљами, потпоручник Катерина Златановска, постар водник Хисен Имери, постар водник Рахим Љусјани и десетар Сашка Царовска.
Успешно завршената обука на старешините од бвнј се одвива во рамките на модернизацијата на системот за набљудување и контрола на воздушниот простор како една од приоритетните задачи која ја има вбр.