Во периодот од 23 октомври до 5 ноември 2026 година, согласно Планот за билатерална соработка со Република Италија, припадниците на Првиот пешадиски баталјон (1.пб) од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр), заедно со припадници на Вооружените сили на Италија, реализираа заедничка обука и вежбовни активности на армискиот полигон „Криволак“ и во Центарот за обука „Пепелиште“.
Активностите беа насочени кон размена на искуства и унапредување на стекнатите знаења и вештини преку заедничко извршување на задачи согласно утврдениот план за обука. Притоа, посебен акцент беше ставен на унапредувањето на интероперабилноста, постигнувањето повисок степен на оперативна усогласеност и синхронизираност меѓу припадниците на двете НАТО армии, како и на извежбувањето за извршување различни тактички задачи. Воедно, активностите претставуваа можност за промоција на капацитетите и условите што ги нуди армискиот полигон „Криволак“ за реализација на вежби од поголем обем.
Заедничките вежбовни активности завршија со реализирање на тактичка вежба со командирско гаѓање со чета на тема „Засилена пешадиска чета во напад“. На вежбата учествуваа припадници на 1.пб, борбено-инженериско одделение од Инженерискиот баталјон, како и припадници на Вооружените сили на Италија со два пешадиски вода, вод за борбена поддршка опремен со оклопни транспортери BLINDO CENTAURO и минофрлачки вод 120 мм.
На реализацијата на вежбовните активности присуствуваше командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, заедно со дел од клучниот персонал од командата и штабот на бригадата.
Во рамките на заедничките активности, на 4 ноември 2026 година, на армискиот полигон „Криволак“, со свечено постројување беше одбележан и Денот на Вооружените сили на Република Италија.
ГЃ/ДЧ








