Во периодот од 21 до 25 септември 2026 година, во касарните „Чојлија“ и „Боро Менков“ – Куманово, припадници на Армијата реализираа две заеднички обуки со припадници на единици од Армијата на САД, насочени кон унапредување на способностите, размена на искуства и примена на стандардни процедури.
Во касарната „Чојлија“, припадници на Инженерискиот баталјон од составот на Првата пешадиска бригада, согласно Воено-контакт програмата (Mil-to-Mil), реализираа обука со инструктори од инженерискиот баталјон од Националната гарда на Вермонт на САД. Обуката беше насочена кон мобилноста и запречувањето, со декларираната единица за борбена инженериска поддршка од Инженерискиот баталјон, која е дел од Лесната пешадиска борбена група.
Во касарната „Боро Менков“ – Куманово, се реализираше заедничка обука на припадниците на АБХО и EOD тимовите на Армијата, насочена кон постапување во услови на контаминирана средина, справување со жртви, укажување прва помош и примена на процедури при присуство на опасни материи и неексплодирани убојни средства.
Во практичниот дел, припадниците реализираа извидување во контаминирана средина, со сценарио за пронаоѓање на неексплодирана направа со присуство на хемиски агенси, при што беа извежбани процедурите за идентификација, обезбедување и понатамошно постапување. Беше реализирана и практична вежба со сценарио со голем број повредени и контаминирани лица, при што беше извежбано нивното извлекување од контаминираната средина, масовната деконтаминација и укажувањето прва помош.
Обуките беа реализирани со поддршка на Канцеларијата за соработка во одбраната на САД и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, со ангажман на припадници на Армијата на САД.
Реализацијата на овие активности придонесува кон унапредување на оперативната подготвеност, интероперабилноста и размената на знаења и искуства, како и кон понатамошно продлабочување на одбранбената соработка со Соединетите Американски Држави.








