Во баталјонот за Воена медицинска поддршка со пригодна свеченост се изврши прием на должноста командант на единицата, од страна на потполковник Елизабета Наумовска-Петрески, која досега ја извршуваше должноста началник на штаб и заменик на досегашниот командант, полковник Ирена Минева која замина на стручно оспособување и оспособување за повисоки воени должности.
Командантот на Логистичката база, во чиј состав се наоѓа баталјонот, полковник Мухарем Мухареми во своето обраќање го истакна значењето на оваа единствена воено медицинска единица како еден од столбовите на базата, каде што стручно и професионално ги зачувуваат животите и здравјето на припадниците на Армијата и на граѓаните на Републиката. Притоа искажа благодарност на досегашниот командант, полковник Ирена Минева за досегашната работа, предизвикот за обезбедување на непречена и постојана медицинска поддршка со надминување преку комбинација на мудро користење на стекнатото искуство и секако расположливите капацитети и ресурси.
За ново поставениот командант, потполковник Наумовска-Петрески кажа дека ќе биде не само нов лидер, туку и продуктивен член на веќе етаблираниот тим од оваа единица. Полковник Мухареми на крајот од своето обраќање на досегашниот командант и посака многу успех во понатамошната кариера и благодарност за постигнатото во единицата, а на новиот командант и посака успешно извршување на должностите и лидерство во донесувањето на одлуките.
Во своето обраќање потполковник Елизабета Наумовска-Петрески, искажа благодарност за укажаната доверба и со уверување дека ќе ја оправда со максимално залагање, висок професионален однос, почитување на различните ставови и секако најважно поддршката од колегите. Истакна дека заедно продолжуваат по патот по кој никогаш не застанавле силно мотивирани да ги менуваат работите на подобро затоа што можат и знаат како. На крајот од обраќањето, кажа дека делата ќе бидат нивното најсилно оружје-посилни од секој кажан збор.
ЗВ/ЛС