Во периодот од 23 до 25.12.2014 година припадниците на ренџерскиот баталјон од составот на полкот за специјални операции ги реализираа првите ренџерски игри.
Главна цел на игрите беше да се подигне спортскиот и натпреварувачки дух со демонстрирање на високи тактички познавања и одлична физичка подготвеност. Учество во овие игри зедоа најдобрите пет припадници од секоја чета на ренџерскиот баталјон. Екипите се натпреваруваа во следниве дисциплини: ползење и носење на ранет, фрлање на рачна одбранбена бомба, гаѓање со автоматска и снајперска пушка, пиштол, расклопување и склопување на вооружвање, ориентација на непознат терен и совладување на пречки за издржливост.
Во текот на денешните игри, кои се одвиваа на терените во касарната „Илинден“ и на стрелиштето Стенковец, секој учесник се натпреваруваше да ја понесе титулата најдобар ренџер и најдобра чета во ренџерски баталјон за 2014 година.
Првите ренџерски игри се реализираа успешно и намерата е овие игри да станат традиционални.