Припадници на Армијата на Република Македонија од составот на полкот за специјални операции во период од 15 до 27 март во Хохенфелс, Германија, на меѓународната вежба „Allied Spirit VI“, уште еднаш во најдобро светло ја презентираа својата обученост и интеробилноста со стандардите на НАТО партнерските армии.
Македонските „волци“ во извонредно реални вежбовни услови на полигон од околу 200 км2 со изработени населени места и професионални статисти, преку спроведување на директни акции, специјално извидување и синхронизирано воено асистирање, соработка со цивилно население, собирање информации и откривање и уништување на уфрлени диверзантски групи во зоната на операции извежбуваа тактики, техники и процедури од областа на неконвенционалното војување.
Два борбени тимови од баталјонот за Специјални Намени (бСН), организирани како македонски Борбени Елементи за Специјални Операции (БЕСО) заедно со по еден британски и американски специјален тим, формираа мултинационална Борбена Група за Специјални Операции (БГСО) предводена од команден елемент од Република Естонија.
Синхронизација и вгнездување на активностите со конвенционалните сили вршеше Оперативната Команда за Специјални Операции (ОКСО), во која исто како и во командата на Борбената Група за Специјални Операции, беа вклучени штабни елементи од пСО.
Со извршување на овие сложени операции кои се вон можностите на конвенционалните сили, оперативната команда преку БГСО и нејзините тимови успешно ги поддржаа дефанзивните и офанзивните операции на летонската бригада.
Одговорен за оценување на целите на вежбата и севкупната интеграцијата на специјалните операции беше сертифициран оценувачки тим во кој учествуваа 4 припадници од бСН. Оваа вежба исто така врши помош во градењето на капацитетите на пСО за формирање на сопствена БГСО, што во иднина би била декларирана како партнерска цел.
Вежбата „Allied Spirit VI“ е една од многуте досега во која припадниците на АРМ од единицата на баталјонот за специјални намени „волци“ со својата стручност, професионалност и храброст го даваат својот придонес во интегративните процеси на АРМ во структурите на НАТО.
На меѓународната вежба „Allied Spirit VI“, во организација на командата на Армијата на САД за Европа учествуваа околу 2770 припадници на армиите на САД, Македонија, Канада, Чешка, Унгарија, Словенија, Италија, Германија, Франција, Естонија, Летонија и Холандија.