Пред спомен обележјето на загинатите припадници на баталјонот за Специјални Намени „ВОЛЦИ“ кои на денешниот ден пред дваесет и две години го изгубија животот во Вејце, во касарната „Илинден“беше одржан помен во нивна чест.
Во помен на загинатите Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костески, во знак на сеќавање и незаборав на прерано згаснатите животи со полагање на свежо цвеќе одадоа почит: началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, делегации од Баталјонот за специјални сили и командите на единиците на Армијата, МВР, претставници на семејствата и други.
Во име на припадниците на единицата пред присутните, се обрати командантот на Баталјонот за специјални сили потполковник Оливер Зариоски.
Во своето обраќање тој истакна дека припадниците на оваа единица се должни да ги чуваат, одржуваат и спроведуваат покажаната лојалност и чест на загинатите колеги кои го дадоа животот во служба на татковината.
На денешен ден во 2001 година кај селото Вејце, во околината на Тетово загинаа осум припадници на безбедносните сили од кои четворица беа од редовите на Армијата, а останатите четворица од составот на МВР.