Под мотото „Секогаш чекор понапред“ припадниците на Ренџерскиот баталјон (рб) во касарната ,,Илинден“ во Скопје, за прв пат самостојно на симболичен начин го одбележаа Денот на единицата.
Командантот на ренџерите, потполковник Ментор Саити во своето обраќање кон припадниците на единиците истакна дека во изминатите 17 години, колку постои оваа единица, ренџерите достоинствено ја претставуваа зелената баретка задржувајќи го духот, професионализмот и лојалноста. Понатаму им порача „…да продолжиме по патот на успесите, да продолжиме да ја величаме единицата на достоинствен начин и водејќи се со нашето мото, да докажуваме дека сме секогаш подготвени да дадеме се за нашата татковина“.
На воената свеченост, на која се придржуваа сите мерки и протоколи предвидени за спречување на вирусот „Ковид-19“, присуствуваше и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески и командантите од единиците стационирани во касарната „Илинден“.
На свеченоста, по повод Денот на единицата, беа доделени унапредувања и стимулативни мерки на припадници на единицата за придонесот во развојот на единицата и остварените резултати во работата.
На денот на единицата беа промовирани и 42 нови припадници на ренџерскиот баталјон.
На овој ден во 2003 година за прв пат во Армијата беше формиран Ренџерскиот баталјон, кој беше во состав на одредот за специјални намени кој подоцна прерасна во Полк за специјални операции, а согласно новата организациско-формациска структура е на ранг на самостоен баталјон, кој согласно динамичкиот план треба да прерасне во извидувачко разузнавачки баталјон.