Специјалните единици на Армијата на Република Северна Македонија како резултат на взаемниот интерес отсекогаш имале добра меѓусебна соработка со националните спортски федерации, за која соработка несебично се вложува од двете страни.
Како резултат на соработката со Боксерската федерација на Македонија денес во касарната „Илинден“ на припадниците на Армијата од составот на Баталјонот за специјални сили, од страна на претседателот на федерацијата, Примислав Димовски им беа донирани спортски боксерски реквизити, кои ќе придонесат во понатамошно подобрување на обуката не само во боксот туку и во останатите боречки вештини кои ги практицираат популарните „Волци“.
На донацијата која се состоеше од боксерски ракавици, боксерски вреќи за тренинг и фиксер, присуствуваа и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески и државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ, при што се истакна дека со оваа донација меѓусебната соработка во овој боречки спорт ќе се крене на повисоко ниво.
Донацијата на државниот секретар во Министерството, Драган Николиќ му ја предаде Примислав Димовски, претседател на Националната боксерска федерација.
Чест ми е што по повод годишнината од членството во НАТО оваа донација оди во вистински раце – во најелитната армиска единица, баталјонот на специјалните сили – изјави првиот човек на Боксерската федерација, Примислав Димовски.
Државниот секретар Драган Николиќ се заблагодари и потенцираше дека боксерските вештини влегуваат во годишниот план за обука и тренинг на армиските Волци.
Драго ми е што на годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО ја потврдуваме одличната соработка со Боксерската федерација, која ќе продолжи да се гради и понатаму – рече Николиќ.
Соработката е уште повеќе значајна затоа што боксот е дел од плановите и програмите на обука на Баталјонот за специјални сили во сплетот на боречки вештини, каде покрај боксот се извежбуваат и џиу џицу, кик бокс, џудо, карате и борење во кои вештини неколку припадници од баталјонот активно учествуваат и во спортски натпревари. Да напоменеме и тоа дека јавноста многупати досега имала можност да се запознае со нивните вештини кои се демонстрираат на повеќе настани.
Боксот како благородна вештина која бара сила, храброст и пожртвуваност помага и во оформувањето и дисциплирањето на личноста, кое е одлика на припадниците на Баталјонот за специјални сили.