Денес (21.05 2012 година) во Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“,се одржа свеченото отворање на вежбата „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“ на кое се обратија: Началникот на Генералштабот на РМ, генерал мајор Горанчо Котески, заменик на Министерот за одбрана Емил Димитриев и Командантот на Здружените сили на Мадрид, генерал потполковник Алфредо Кардона Торес.
Началникот на Генералштабот на РМ истакна дека очекувањата од вежбата се големи, пред се поради планираното НАТО оценување на средната пешадиска чета ниво 2 и на средната пешадиска баталјонска група од Ниво 1 кои се оценуваат согласно концептот на оперативни способности на НАТО. Верувам дека вежбата „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“, од многу аспекти комплексна вежба, ќе биде реализирана со успех и дека успешната подготовка ќе овозможи усвојување на нови стандарди на НАТО и усовршување на декларираните единици за мировни мисии.
На вежбата и претходеа неколкумесечни индивидуални и колективни подготовки, со цел да се изврши обука и извежбување во различни ситуации, предвидени со листата на задачи на НАТО определени при изведувањето на операциите за поддршка на мирот (PSO).
Отворањето на вежбата беше медиумски покриена од дел на електронските и пишаните медиуми во Република Македонија.
Исто така во текот на денешниот ден заврши и НАТО оценување НИВО 2–CREVAL/Combatreadiness evaluation/на декларираната средна пешадиска чета која е од составот на 4.механизиран пешадиски баталјон од 1.мпбр, предвидени за составот на баталјонската група на Европската Унија (EU BG II/2012), како и одделение АБХО од четата АБХО.
Утре, 22 мај (вторник), започнуваат активностите за оценување на средната пешадиска баталјонска група на вежбата „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“.