МЕДИУМСКИ ПАКЕТ
Меѓународна вежба: „MAPLE ARCH 24“
Спецификации на вежбата:
ИМЕ: „Maple Arch 24“
ФОРМАТ: Компјутерски асистирана вежба комбинирана со теренска вежба.
ОРГАНИЗАТОР: Армија на Република Северна Македонија, а спонзорирана и поддржана од страна на Директоратот за воена обука и соработка на ВС на Канада.
ВРЕМЕ НА ИЗВЕДУВАЊЕ: 25 ноември – 06 декември 2024 година.
ОБЛАСТ: Касарна „Алексо Демниевски Бауман “ – Велес и АП „Криволак“ – Република Северна Македонија.
УЧЕСНИЦИ: Армии на 6 земји со околу 600 учесници (Република Северна Македонија, ВС на Канада, Грузија, Литванија, Полска и Украина).
Контингент на учесници од Армијата на Република Северна Македонија: 450 припадници на Армијата (Зајакната пешадиска чета);
- Контингент на учесници од ВС на Канада: 25 учесници;
- Контингент на учесници од Армијата на Грузија: 30 учесници;
- Контингент на учесници од Армијата на Полска: 30 учесници;
- Контингент на учесници од Армијата на Литванија: 15 учесници;
- Контингент на учесници од Армијата на Украина: 30 учесници;
- Учесници од Литванско – Полско – Украинската бригада: 20 учесници.
ОПШТИ КАРАКТЕРИСТКИ НА ВЕЖБАТА:
Вежбата „Maple Arch“ се спроведува секоја година во Европа од 1999 година со поддршка од 5-та канадска дивизија и Програмата за воена обука и соработка. Искористувајќи ја литванско-полско-украинската бригада како столб, таа го обучува персоналот на штабот на баталјоните од земјите-учеснички за развој и извршување на големи мултинационални вежби според стандардите на НАТО.
Во изминатите 24 години, вежбата „Maple Arch“ на неколку наврати се има реализирано во: Грузија, Украина, Полска и Литванија. Армијата на Република Северна Македонија ја доби честа но и одговорноста да ја организира јубилејната 25 вежба под наслов „Maple Arch“. Нареден домаќин на вежбата „Maple Arch“ во 2025 година ќе биде Република Полска.
Вежбата „Maple Arch 24“ е континуитет на меѓународната вежба „Maple Arch“, која оваа година се реализира по јубилеен 25 пат од страна на Армијата на Република Северна Македонија, а спонзорирана и поддржана од страна на Директоратот за воена обука и соработка на ВС на Канада.
„Maple Arch 24“ е компјутерски асистирана вежба комбинирана со теренска вежба. За разлика од претходните години и претходните серијали на „Maple Arch“, оваа година за првпат ќе има и теренски дел, односно ќе има и единици на терен, односно вежбата ќе биде комбинација од компјутерски асистирана вежба и теренска вежба, а тоа значи дека освен обука и увежбување на штабовите на единиците на симулации во исто време ќе се реализира и извежбување на единици на терен.
Приближно 60 планери од 6те земји учеснички скоро една година учествуваа во планирачкиот процес на вежбата преку реализација на три планирачки конференции кои се реализираа во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес.
Вежбата се фокусира на обука на персоналот на штабовите на баталјоните за планирање и спроведување операции за поддршка на мирот (ПСО) во симулирана-реална операција за поддршка, за извршување хуманитарна помош и одговор на кризи.
Станува збор за вежбовна активност која има за цел презентирање и подобрување на интероперабилноста помеѓу НАТО земји членките и партнери за мир, настан кој инволвира повеќе од 600 армиски припадници од 6 земји сојузнички.
Сценариото на вежбата „Maple Arch 24“ е демонстрирање на подготвеност за планирање и извршување на операции за поддршка на мирот во мултинационална средина предводени од НАТО и под крилата на мисијата на Обединети Нации.
Ова на крајот го подобрува начинот на кој армиите на земјите-учеснички тренираат заедно и ја зајакнува регионалната одбранбена структура, овозможувајќи ѝ да одговори на глобалните одбранбени и безбедносни предизвици.
Учеството во вакви мултинационални воени вежби е многу важно и корисно, дава можности за стекнување ново искуство, помага да се изнајдат нови пристапи и практики, се затегнуваат врските со партнерите и сојузниците, не случајно и мотото на вежбата е „Stronger Together“ или „Заедно посилни“
По добивањето на оперативната наредба (ОПОРД), штабовите на баталјоните го започнуваат процесот на планирање на операциите, а понатаму преку компјутерски симулации учествуваат во донесување на одлуки и преземање на соодветни акции за разрешување на настанати ситуации и инциденти. На крајот на денот за еден ист инцидент или настан добиваме 6 слични или различни решенија и одлуки донесени од баталјонските штабови
ЦЕЛИ НА ВЕЖБАТА:
- Демонстрирање на капацитет и способност на командантот за командување и контрола на баталјонско ниво за изведување операции под мултинационална бригадна команда.
- Справување со хибридни закани за обезбедување на сигурна и безбедна средина.
- Подобрување на нивото на интероперабилност на декларираните состави и извежбување со земјите партнери;
- Реализација на ефективност во командувањето при реализација на процесот на донесување на воена одлука (ПДВО), преку користење на аналогни и дигитални процеси.
- Во рамките на операции за поддршка на мирот, да се биде подготвен за изведување на операции за спроведување на мир, координација и поддршка на безбедносните сили на земјата за справување со хибридни закани, вклучувајќи организирани терористички групи.
- Градење на подготвеност и меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите на НАТО и партнерските армии, низ широк спектар на речиси симултани операции, кои се изведуваат во повеќе зони.
Временска рамка на изведување на поважни активности:
25.11.2024 г. – Церемонија на отпочнување на вежбата (Касарна„Алексо Демниевски Бауман“, Република Северна Македонија).
04.12.2024 г. – Ден за проследување на активностите од страна на медиумите.
06.12.2024 г. – Ден за високи гости и медиуми (касарна „Алексо Демниевски Бауман“, Република Северна Македонија, АП „Криволак“).
06.12.2024 г. – Церемонија на затворање на вежбата (Kасарна „Алексо Демниевски Бауман“, Република Северна Македонија).