Вежбовните активности на армискиот полигон (АП) Криволак во рамки на меѓународната вежба „Immediate response 25“ се во полн ек. Единиците од шест НАТО и две партнерски армии со своја формациска опрема и вооружување, изведуваат копнени борбени дејствија и реализираат обука и боеви гаѓања.
Во текот на изминатите денови на АП Криволак се реализира обука за влез и излез од хеликоптер, сместување во него, како и сигнали за наведување на хеликоптери и одредување на зона за истовар на персоналот.
Учесници на вежбата извршија и запоседнување на база на патрола, пред изведување на планиран напад и движење на конвоите. Согласно сценариото на вежбата, нападот беше извршен во текот на ноќта, а „силите на непријателот“, иако малубројни даваа тежок отпор.
Вежбовните активности ќе продолжат и во следниот период, до 9 јуни, кога вежбата официјално ќе биде затворена. Во меѓувреме, на први јуни ќе се одржи Отворен ден на градскиот плоштад во Кавадарци, со почеток од 10 часот, каде ќе бидат изложени оклопни возила, вооружување и заштитна опрема. Денот за високи гости ќе се одржи на АП Криволак на втори јуни со реализација на тактичка вежба со командирско гаѓање на тема „Засилен пешадиски баталјон во напад“.
На меѓународната вежба учествуваат над 2200 армиски припадници од земјава, САД, Албанија, Грција, Италија,Црна Гора, Австрија и Косово.