Со доделувањето на сертификати на свеченоста организирана по повод успешната реализација на вежбата „REGEX 19“, се означи завршетокот на досега најголемата реализирана компјутерски асистирана вежба во Република Северна Македонија.
На свеченоста директорот на вежбата, полковник Звонко Мајсторски, не криејќи го задоволството од резултатите кои се постигнаа на вежбата, наведе дека и покрај многубројните предизвици, на крајот успешно се постигна главната цел на вежбата – обука на припадниците на армиите од земјата домаќин и партнерите на НАТО за планирање, организирање и реализирање на меѓународна вежба на бригадно ниво согласно НАТО стандардите и процедурите.
Вежбата „REGEX 19“ како прва од ваков вид која се реализира во нашата држава, заврши со одлични резултати. Во планирачкиот процес на вежбата учествуваа вкупно претставници од 22 земји, а во самата реализација учество зедоа повеќе од 220 претставници од 18 земји од кои 3 земји членки на НАТО (НАТО земјите членки се дел од Здружената команда за операции во Неапол и во оваа вежба ја имаат улогата на ментори и надгледувачи на процесот на планирање и реализација на вежбата во согласност со Директивата за колективна обука и вежби).
Во текот на петдневниот период на реализација на вежбата се извежбаа 6 настани, 21 инциденти и 89 дополнителни безбедносни ситуации.
Стекнатите искуства од оваа вежба во целост ќе се искористат при работа во мултинационален штаб на бригадно ниво, како и при соработка, координација и врска со националните и локалните власти, меѓународни, владини и невладини организации. Дополнително придобивка е извежбувањето на клучниот персонал во примената на стандардните оперативни процедури и одговорот на персоналот во разни ситуации со кои може да се сретне при неговото распоредување во меѓународни мисии.
ГС/ДС/ЧС/БН