На 23-ти мај 2014 година (петок) дел од припадниците на АРМ ангажирани за давање помош во Република Србија за време на вонредната состојба заради поплавите, беа испратени од Обреновац. Во името на началникот на Генералштабот (ГШ) на Војската на Србија, на припадниците на АРМ им се обрати началникот на Управата за човечки ресурси на ГШ на Војската на Србија генерал-мајор Слаѓан Ѓорѓевиќ. Во оваа прилика, тој на припадниците на АРМ им се заблагодари за нивното професионално извршување на задачите и помошта која ја дадоа во Обреновац, додавајќи дека со ангажирањето на АРМ во Република Србија за време на поплавите е унапредена и соработката помеѓу двете држави и армии.
Припадниците на АРМ кои го завршија ангажирањто во Обреновац безбедно се вратија во својата матична единица во раните утрински часови на 24-ти мај (сабота). Дел од припадниците на АРМ остана и понатаму да се ангажира во Обреновац со задача за учество во отстранување на последиците од големите поплави со кои посебно беше зафатен Обреновац и неговата околина, каде е нанесена огромна штета.
Врз основа на одлука на Владата на Република Македонија, на 17 мај АРМ испрати обучен персонал со материјално-технички средства и опрема во Обреновац, Република Србија и 3 илјади ќебиња за Босна и Херцеговина.