Денес, во попладневните часови официјално започна вежбата „Брз Лав 14“, на која учество зема и персонал од Армијата на Република Македонија со четата за заштита на силите од борбената група на Европската Унија (ЕУБГ 2014-2). Подготовките за Борбената група на Европската унија 2014-2 започнаа во 2012 година и ќе продолжат до 30 јуни 2014 година.
Претходно во ноември 2013 година беше реализирана првата голема вежба за ЕУБГ 2014-2 во Кралството Холандија на која за прв пат се формира штабот, се оценуваше соработката помеѓу различни секции и реакција на голем број на инциденти.
Борбената група, која е под раководство на Кралството Белгија и под команда на полковникот Филип Буке (Philippe Bouckе) од белгиската армија се состои од 6 земји учеснички: Република Македонија, Kралството Холандија, Луксембург, Kралството Шпанија, СР Германија и лидерот Kралството Белгија.
За време на вежбовните активности војниците од ЕУБГ 2014-2 ќе работат на фиктивно сценарио за хуманитарна мисија за поддршка на раселени лица и бегалци, како и за пребарување и затворање на лица осомничени за воени злосторства. Предизвик на вежбата претставува заедничката работа на 6 различни земји со персонал од околу 2900 војници во една борбена група.