Со воена свеченост во касарната „Чојлија“, припадниците на тенковскиот баталјон го одбележаа 2 јуни, Денот на единицата.
На свеченоста покрај командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, присуствуваа и претставници од ГШ на АРМ, Здружената оперативна команда (ЗОК), поранешните команданти на тенковскиот баталјон, командантите на потчинетите единици на 1.мпбр, претставници од локална самоуправа, претставници на верските заедници од зоната на одговорност на единицата, како и правни и физички лица со кои единицата соработува.
За историскиот пат, работата и достигнувањата на припадниците на тенковскиот баталјон во обуката и секојдневните активности во 2016 година, и идните активности на баталјонот, зборуваше командантот на баталјонот, потполковникот Тони Златевски, а командантот на 1.мпбр, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски во својот говор по повод Денот на баталјонот истакна дека „во пресрет на одбележување на јубилејот 25 години АРМ, со високо подигната глава може да кажеме дека припадниците на тенковскиот баталјон, задачите ги извршуваат беспрекорно, исправени пред сите предизвици кои стојат пред нив. Култот на единицата и силната традиција, кои се внимателно градени низ изминативе дваесет и пет години, се силно врежани во секој припадник на тенковскиот баталјон, чии корени потекнуваат уште од формирањето на тенковскиот вод во рамките на тогашна гардиска бригада, формиран на 2 јуни 1992 година.“
По свечените говори 1.вод од 2.тенковска чета беше прогласен за најдобра единица за 2016 година, при што на командирот на водот му беше предадено и преодното знаменце за најдобра единица.
По повод Денот на тенковскиот баталјон, беа унапредени, наградени и пофалени одреден број на војници и старешини кои во 2016 година се истакнале во работата и обуката, а со тоа дале и свој придонес во јакнењето на борбената готовност на единицата.