Денес, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание и одбележувањето на 85-годишнината од востанието, на покана на претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, делегација на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, положи свежо цвеќе во Спомен-костурницата во Куманово и присуствуваше на свеченоста организирана по овој повод. Во рамки на свеченоста, Воениот оркестар на Армијата изведе соодветни музички композиции, придонесувајќи за свечениот карактер на одбележувањето.
Чествувањето на празникот се одбележа и на Градскиот плоштад во Куманово, каде што генералот Лафчиски, во придружба на командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, и командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, присуствуваше на тактичко-техничкиот збор. На настанот, граѓаните имаа можност непосредно да се запознаат со дел од опремата и средствата со кои располага Армијата.
Во текот на денот, делегација на Армијата и Министерството за одбрана, предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, положи свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел. Претставници на Армијата положија свежо цвеќе и на вечните почивалишта на Методија Андонов-Ченто и Кузман Јосифовски-Питу во Прилеп.
Со овие активности, Армијата оддаде почит на 11 Октомври – празник што претставува симбол на храброста, пожртвуваноста и решителноста на генерациите кои се исправиле во одбрана на слободата и достоинството, оставајќи трајно историско наследство и аманет за идните генерации.








