Со воена свеченост единиците од гарнизон Куманово во касарната „Боро Менков“, Куманово го одбележаа 18-ти Август, Денот на АРМ, воедно оваа година се одбележуваат 25 години од постоењето на АРМ.
По повод 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија во рамките на прославата согласно Правилото за воен протокол се реализираа низа активности, интонирање на државната химна на Република Македонија и химната на АРМ, оддавање на почит на загинатите борци за Македонија и загинатите и починатите припадници на АРМ, честитање на празникот, пригоден говор, читање стимулативни мерки и наредби за унапредувања на старешини, врачување на одликувања, награди и пофалби и честитки.
Командантот на здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Зоран Милески одржа пригоден говор пред присутните, честитајќи го празникот меѓу другото истакна: АРМ денеска го одбележува својот 25 годишен јубилеј, тоа се години на пожртвуваност, стремеж, желби, знаење, умешност и храброст. 25 години упорна работа исполнета со многу предизвици, 25 години вградени од нашите животи и професионални кариери на генерации офицери, подофицери и војници.
Денешната свеченост ја доживуваме како охрабрување дека заедно сме посилни и поодлучни во изградба на армијата, нејзината борбена готовност и во одбраната на татковината.
По завршување на официјалниот дел е организиран ТТ збор на вооружувањето и опрема со кои располага единицата како и коктел за присутните.
На прославата беа поканети и присуствуваа преставници од државна управа, јавните установи и служби, преставниците на единицате на локалната самоуправа во зоната на одговорност и правни и физички лица со кои Армијата на Република Македонија има соработка.