Во касарната „Боро Менков“, Куманово, со оддавање на почит и полагање на цвеќе пред бистата на Народниот Херој Боро Менков беше одбележана 76 годишнината од загинувањето на народниот херој чие име со гордост го носи касарната.
Со пригоден говор за ликот и делото на народниот херој Боро Менков, кој е прогласен за народен херој на 30 декември 1951 година со уште 65 учесници во НОБ пред присутните се обратија командантот на касарната потполковник Ердоан Хасан и историчарот, Марија Живачки од националната установа Музеј-Куманово.
На прославата присуствуваа: заменикот на командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Павле Арсоски, Командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, преставници од државната управа, претставници јавните установи и служби, од Сојузот на борците од Куманово и други гости.
Културно уметничката програма со свое присуство ја збогатија и учениците од гимназијата „Гоце Делчев“ и децата од градинката „Ангел Шајче“ од Куманово.
На крајот од официјалниот дел на одбележувањето на патрониот ден на касарната, од страна на командантот на касарната, на учесниците од градот Куманово што допринесоа за збогатување на културно-уметничката програма, им беа доделени благодарници.
Во рамките на одбележувањето на патрониот ден на касарната се реализираше и тактичко-технички збор на кој присутните гости, посебно лицата од помладата популација имаа можност да се запознаат со вооружувањето и опремата со кои располага 1.мпб.
Со одбележувањето на патрониот ден на касарната, припадниците на единицата ги продолжуваат традициите на нашето минато потсетувајќи се на името и делото на народниот херој Боро Менков, кој за секогаш ќе остане во меморијата на сегашните и идните припадници на 1.мпб.