Во Здружената оперативна команда (ЗОК) денес се реализира прием на новопроизведените офицери кои се распоредени на должности во првопотчинетите единици (ППЕ) на ЗОК.
Новопроизведените офицери беа примени од страна на командантот на ЗОК бригаден генерал Зоран Милески. На приемот присуствуваа заменик на командантот на ЗОК, началниците на секции во ЗОК и командантите на ППЕ на ЗОК.
По искажаното добредојде и честитки за почетокот во активната воена служба новопроизведените старешини беа запознаени со мисијата, историјата, структурата и задачи кои ги има ЗОК како и активностите кои претстојат во понатамошниот период, а во кои тие активно ќе учествуваат.
На крајот од приемот на новопроизведените старешините им беа соопштени наредбите за поставување и должностите кои ќе ги извршуваат во ППЕ на ЗОК.
После извршениот прием во ЗОК новопроизведените старешини беа примени од страна на командантите на ППЕ.
Од новопримените старешини се очекува да ги применат знаењата кои ги имаат стекнато во текот на нивното школување, и да ги надградат истите за што поуспешно извршување на поставените задачи.