Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, учествува на првиот ден од заседанието на воениот комитет на НАТО, во формат на началници на генералштабови кое се одржува во седиштето на НАТО во Брисел.
На сесијата на земјите членки на НАТО и партнерските земји кои учествуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, од страна на командантот на мисијата, генерал Николсон и високиот цивилен претставник на НАТО, амбасадорот Цимерман се презентирани најновите стратегиски и оперативни информации поврзани со безбедносната ситуација во Авганистан.
Притоа од страна на учесниците во дискусија се разгледувани планови, насоки и препораки за понатамошно учество и дејствување во мисијата кои ќе бидат разгледани на состанокот во формат на министри за одбрана во февруари.
За време на заседанието, НГШ на АРМ оствари повеќе средби и размени на мислења со повеќе началници од армиите членки на НАТО и партнерските нации, особено со началниците на ГШ на земјите членки на А5 иницијативата, на кои се разговарало за заклучоците од последната конференција и спремноста за справување со сите безбедносни предизвици во склад со цврстата определба на Република Македонија за полноправното членство во северноатлантската алијанса.
На состаноците на воениот комитет активно учество имаат и постојаните воени претставници во командата на НАТО, каде и Република Македонија има свој висок воен претставник.
Република Македонија континуирано придонесува за мировниот процес во Авганистан, од 2002 година, а во мисијата за асистенција, советување и обука „Одлучна Поддршка“ учествува во извршување на одговорни задачи со штабни офицери и обезбедување на главниот штаб во мисијата во Кабул.