Припадниците од водот за специјални намени (всн) од составот на воздухопловната бригада (вбр) во период од 17 – 23.04.2018 година реализираат обука во јазење во реонот на Демир Капија. Обуката се реализира согласно годишниот план за обука на единицата.
Основната цел на истата е оспособување на припадниците од составот на всн за извршување на мисии на непристапни терени. Обуката ја спроведуваат инструктори од полкот за специјални намени и се реализирани поголем број на теми, помеѓу кои и основи на техниките на движење и јазење во планина во лето, спуштање, алпинистичко качување со техники на качување, техника на качување со систем прусик, премостување (систем за преминување преку реки и длабоки пречки), анкери, укотвувања, евакуација и други теми од значење за јазењето.
Во текот на вчерашниот ден, во обиколка и контрола на обуката беше командантот на Здружената оперативна команда, генерал мајор Зоран Милески и командантот на воздухопловната бригада, полковник Роберт Малезански, при што имаа можност да се запознаат со изведувањето на обуката и техниките при јазење.
Планираните активности се реализираат успешно и безбедно. За голем дел од персоналот ваквиот тип на обука е редовна активност која доста често се изведува, но обновувањето на знаењата и увежбувањето се доста важни елементи за беспрекорно извршување на задачите.