„Министерството за одбрана целосно ги почитува заложбите на меѓународната заедница за зголемување на учеството на жените во креирањето и развивањето на безбедносната политика.
Република Македонија континуирано дава свој значаен придонес во напорите за етаблирање на вредностите на 21-от век во сите општества, на глобално ниво, а жените, како дел од контингентите од АРМ во меѓународните мировни мисии покажуваат несомнена професионалност, вештина и способност да дадат свој придонес во тие рамки“, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, на денешната свеченост во Домот на АРМ, посветена на Денот на жената, „8ми март“.
Воедно, во својот поздравен говор, министерот Џафери додаде дека во рамките на Министерството креиран е и Комитет за родова перспектива и родова рамнопоравност, чија основна задача е да ги координира и набљудува активностите кои се база и потпора за развој на еднаквоста, недискриминацијата и перспективите на сите луѓе без разлика на нивната родова припадност.
Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, по повод свеченоста, додаде дека „застапеноста на жените во АРМ, е во рамки на европскиот просек, а фактот што тие не се само во логистиката и службите, туку и во борбените единици, доволно говори за можностите тие да градат професионална воена кариера“.
„Невозможно е да се изгради поправедно и просперитетно демократско општество без активно вклучување на женската популација, која претставува инспирација за постигнување високи резултати“, истакна генералот Котески.
Во рамките на Министерството за одбрана, од вкупниот број вработени, 37.4% се жени, додека тој процент во рамките на Армијата на Република Македонија изнесува 8%.