Денес, 12-ти септември (четврток) во касарната ,,Илинден“ во Скопје, се одржа свеченост за доделување на одликувања од Вооружените сили на САД, на припадници од полкот за специјални операции (пСО) и баталјонот на Воена полиција (бВП) на АРМ, по повод учеството во наменските сили ,,Феникс“ во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста за доделување на одликувања присуствуваа: началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, амбасадорот на САД во Република Македонија Н.Е. Пол Волерс, командантот на Националната гарда (НГ) на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј, државниот секретар во министерството за одбрана Сашо Стефаноски и други гости од МО и АРМ.
Во името на САД одликувањата ги врачи командантот на НГ на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј, кој на 79 припадници на пСО и бВП за покажаните високи резултати и успешното и професионално извршување на задачите за време на учеството во наменските сили ,,Феникс“ во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан, им додели 79 медали за пофалба на Армијата на САД и 79 медали за пофалба и исклучителни достигнувања на НГ на Вермонт.
Обраќајќи се до одликуваните припадници на пСО и бВП, генералот Котески истакна дека одликувањата се резултат на нивната обученост, храброст, достигнати стандарди и успешно извршување на задачите во мировната операција, при што нагласи дека во целост ги исполниле очекувањата, уште еднаш потврдувајќи го силното партнерство со припадниците на Националната гарда на Вермонт и Армијата на САД.
Во своето обраќање, генералот Креј истакна дека му претставува чест што им доделува медали од Армијата на САД, на припадниците на АРМ, за кои според него ова е најголемото признание за храброста и извршувањето на задачите рамо до рамо со припадниците на НГ на Вермонт, со што тие ги исполниле сите стандарди на меѓународната заедница.
Во мисијата ,,ФЕНИКС“ во Авганистан беа распоредени 79 припадници од пСО и бВП, кои задачите ги извршуваа заедно со припадниците на НГ на Вермонт и Армијата на САД во временски период од девет месеци (еднократна ротација) во 2010 година, а контингентот беше распореден во југоисточниот и северниот дел на Авганистан. Основни задачи на наменските сили ,,ФЕНИКС“ беа: обука и менторирање на Авганистанската национална армија и полиција, изведување на заеднички операции за поддршка на мирот и стабилноста на Авганистан, обезбедување на високи личности од воениот персонал на НАТО и ИСАФ, како и делување со коалициските сили на НАТО и САД за поддршка на Авганистанската национална армија и полиција во изградбата на демократијата во Авганистан.