Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со оддавање почит и полагање свежо цвеќе пред бистата на народниот херој Боро Менков, беше одбележан патронатот на касарната и 85-годишнината од неговото загинување во реонот на село Белановце, Кумановско.
Со пригоден говор за ликот и делото на народниот херој Боро Менков, чие име со гордост го носи касарната, се обрати командантот на Баталјонот за борбено-сервисна поддршка, потполковник Шпејтим Черими. Во своето обраќање тој ја истакна важноста од негувањето на споменот за хероите кои со својата храброст, пожртвуваност и одлучност оставиле траен белег во македонската историја.
Пред бистата на народниот херој свежо цвеќе положи заедничка делегација од пртставници од Командата за операции, Првата пешадиска бригада и Баталјонот за борбено-сервисна поддршка, предводена од командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски.
Со одбележувањето на патронатот се продолжува традицијата на негување на историското наследство и воените вредности, притоа потсетуваќи на значењето на патриотизмот, пожртвуваноста и одговорноста при извршувањето на задачите во служба на татковината.








