Од денес до 20-ти септември во Домот на АРМ во Скопје, во организација на Генералштабот на АРМ и Здружената команда на НАТО од Неапол (Allied Joint Force Command), се одржува обука на тема Логистички оперативен планирачки процес.
Во наредните четири дена, мобилен тим за обука од Здружената команда на НАТО од Неапол, составен од екперти од областа на воената логистика, ќе изведе стручна обука со клучниот персонал на ГШ на АРМ и потчинетите команди и единици од областа на логистиката. Целта на обуката е запознавање со процесот на логистичко планирање согласно НАТО процедурите и изнаоѓање на мултинационални логистички решенија.
Учесниците на обуката ќе се обучуваат во планирање за испраќање на силите во меѓународна мисија, употреба на системите на НАТО за командување и контрола, поддршка од земјата домаќин, договарање во зоната на операции, прием, позиционирање, движење и интеграција на силите, како и подоготовка за враќање на единиците од меѓународна мисија. Една од клучните теми ќе биде и поддршка на единиците во мисија со примена на процедурите на НАТО за логистичко планирање и негова имплементација. Обуката ќе се изведува и преку решавање на практични задачи со проценка на логистичките потреби и предлагање на решенија за планирање и извршување на мисиите.
Оваа обука ќе помогне во достигнувањето на новите стандарди на НАТО, како и интероперабилноста во делот на логистичкото планирање, што за АРМ е значајно особено во подготовката и извршувањето на меѓународните мисии предводени од НАТО Алијансата.