Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман во Велес се реализираше воена свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење воен рок од генерацијата „Јуни 2018 година“.
Триесет и петтата генерација војници кои доброволно го отслужуваат воениот рок брои 68 војници од кои 15 се припаднички од понежниот пол и истите во наредните три месеци ќе стекнуваат знаења и вештини од основната воена обука во Центарот за индивидуална обука, кој е во состав на Командата за обука и доктрини.
Заменикот на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, им ја честита дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во обуката во редовите на АРМ. Воедно им порача дека воената професија е предизвик, чест и гордост за младиот човек и дека нивната задача е да научат што е можно повеќе од тајните на воената вештина.
Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковникот Арбен Јакупи во своето обраќање кон војниците порача дека во наредните три месеци како млади луѓе ќе бидат ставени пред предизвикот да се биде војник и дека им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Воедно посочи дека целокупниот труд ќе биде вреднуван и ќе биде еден од елементите во понатамошната селекција за оние кои ќе сакаат да ја изберат својата професија во редовите на Армијата на Република Македонија.
На свеченоста присуствуваа: Заменикот на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, Началникот на Штаб во Здружената оперативна команда, бригаден-генерал Орце Јордев, претставници од Министерството за одбрана, градоначалникот на општина Чашка, градоначалникот на општина Градско и претставници од командите и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднини на војниците и други гости.
Г/С