Во центарот за обука на вода „Радожда“ во Струга, се реализира реферирање на командантите на првопотчинетите единици на Здружената оперативна команда за статусот на борбената готовност за месец јули 2018 година.
Командантите на првопотчинетите единици му реферираа на командантот на ЗОК, бригаден генерал Павле Арсоски, за достигнувањата, реализацијата на плановите и задачите и активностите, обуката и останатите сегменти од работата на единиците, а кои имаат влијание врз борбената готовност на единиците.
На реферирањето, беа изнесени согледувањата и анализите на командантите на потчинетите единици за: персоналниот менаџмент, заштитата на силите, операциите, обуката и вежбите, логистичкото обезбедување, врските и комуникациите, буџетирањето и цивилно – воената соработка.
Од страна на командантите на првопотчинетите единици беа истакнати степенот на исполнување на планираните задачи, постигнатите резултати во обуката како и условите за живот и работа.
На крајот од реферирањето генералот Арсоски заклучи дека со максимално ангажирање на персоналот од ЗОК и потчинетите единици, степенот на извршувањето на главните задачи и активности кои го одбележаа изминатиот месец е на потребното рамниште и издаде задачи и насоки за реализација на планираните задачи за месец август 2018 година.
МЈ/НЈ/ПА