Во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа воена свеченост по повод одбележувањето на 15 Oктомври – Денот на баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ) од составот на воздухопловната бригада (вбр).
На воената свеченост со пригоден говор се обрати Командантот на вбр полковник Роберт Малезански кој го истакна значењето на бВНЈ како и залагањето на припадниците од баталјонот во извршувањето на поставените задачи. Тој нагласи дека бВНЈ ја претставува првата алка во севкупниот систем на противвоздушна одбрана (ПВО) на Република Македонија, заедно со баталјонот за ПВО и авијациските единици. Исто така нагласи дека отворањето на новиот оперативен центар за воздушно набљудување и јавување претставува предизвик, но и одговорност кај припадниците на бВНЈ за што поуспешно извршување на мисијата на единицата, како и на целата воздухопловна бригада како единствена единица која го брани воздушниот суверенитет.
Заменик командантот на бВНЈ, мајор Оливер Стојаноски, пред присутните истакна дека сите претходни генерации на бВНЈ имаат вложено огромен личен и професионален ангажман во формирањето и развојот на воздушното набљудување и јавување во изминатиот период. Воедно истакна дека обуките во земји членки на НАТО пред се, Република Хрватска дала интензивен напредок во личниот и колективниот професионален развој на секој припадник на единицата. На припадниците на баталјонот им порача не само да ги чуваат тие вредности, туку и континуирано да ги усовршуваат и надградуваат и тоа да претставува постојана обврска.
Пред стројот се прочитаа честитките од Началникот на Генералштабот на АРМ, Командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) и Командантот на вбр, кои беа упатени до припадниците на баталјонот, а се доделија и стимулативни мерки по повод денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа претставници од ЗОК, претставници од командата на вбр, претставници од 1.механизирана пешадиска бригада, поранешни припадници од бВНЈ и други гости.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на вооружените сили, 15. Октомври е одреден за ден на бВНЈ, со традиции на денот кога е извршено првото воздушно набљудување во Република Македонија.
ГИ/НЈ