Денес, 9-ти октомври (среда) во Генералштабот на АРМ се одржа брифинг за претставниците на медиумите по повод одржувањето на теренската вежба „Македонски Блесок-9“ која ќе се изведува на Армискиот полигон „Криволак“ и Центарот за обука „Пепелиште“ во периодот од 12. до 18.10.2013 година.
На брифингот присуствуваа: командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, директорот на вежбата потполковник Зоран Илов, шефот на оценувачкиот тим потполковник Ѓоко Максимов, портпаролот на ГШ на АРМ и дел од клучниот персонал од ГШ на АРМ и ЗОК кој е вклучен во процесот на планирање и подготовка на вежбата.
Пред претставниците на медиумите беа презентирани најважните информации за вежбата „Македонски Блесок-9“, како и можностите за нејзино целосно медиумско покривање и присуство на медиумите. Носител на планирањето и реализацијата на вежбата е ЗОК, а на неа ќе се изврши оценување на средната пешадиска баталјонска група (самооценување Ниво 2) и НАТО оценување (Ниво 1) за лесната маневарска болница, согласно Концептот за оперативни способности на НАТО.
Генералот Величковски истакна дека во рамките на вежбата „Македонски Блесок-9“, АРМ ќе спроведе комплексна вежба со боево гаѓање со единица во ранг на засилен пешадиски баталјон, што ќе биде по втор пат во период од еден месец, нагласувајќи го ова како предизвик и за многу поголеми и посовремени армии. Тој додаде дека од 1700-те учесници на вежбата „Македонски Блесок-9“, очекува да го потврдат високиот степен на интероперабилност и оперативна способност на АРМ за извршување мисии предводени од НАТО, ЕУ и ООН, а на планираните сложени гаѓања од повеќе видови на вооружување, да демонстрираат висок степен на борбена готовност и капацитет за справување со задачи од висок ризик.
Самооценувањето – Ниво 2 на средната пешадиска баталјонска група ќе го спроведе сертифициран оценувачки тим на АРМ, кој ќе биде под мониторинг на оценувачки тим од НАТО составен од 15 члена, задолжен за НАТО оценување (Ниво 1) на лесната маневарска болница. Отварањето вежбата е планирано на 14-ти октомври во ЦО „Пепелиште“.