Началникот на генералштабот на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски и заменик министерот за одбрана, Беким Максути, ја придружуваа делегацијата на Министерството за одбрана и Војската на Црна Гора предводена од министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ и началникот на Војската на Црна Гора, бригаден генерал Драгутин Дакиќ, на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ каде се изведуваа завршните активности на артилериската обука на припадниците на војската на Црна Гора.
Генералот Ѓурчиновски и високата делегација на Министерството за одбрана и на Војската на Црна Гора го проследија артилериското боево гаѓање со хаубици 122 мм, која е завршна активност на обуката која ја имаа припадниците на Војската на Црна Гора.
По посетата на Криволак, делегацијата ја посети касарната во Петровец каде заедно со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска го посетија и се запознаа со активностите на Центарот за обука на пилоти.
Во текот на активностите, генералите Ѓурчиновски и Дакиќ имаа можност да разговараат за меѓусебната соработка помеѓу АРМ и војската на Црна Гора, која досега е изразена преку повеќе активности на полето на военото воздухопловство и обука на специјалните сили.
Реализираната обука на припадниците на војската на Црна Гора е согласно планот за билатерална армиска соработка со Црна Гора за 2018 година, уште еднаш ги потврдува и промовира можностите на АП Криволак за изведување на вежбовни активности од различен тип не само од страна на АРМ туку и од вооружени сили на странски држави.
Армијата на Република Македонија, покрај овозможување на непречено користење на капацитетите на овој наш најголем армискиот полигон, за оваа вежбовна активност обезбеди соодветна стручна поддршка со свои припадници, потребна воено полициска придружба и логистичка поддршка на активностите.