Денес во касарната „Боро Менков“ во Куманово, се одбележа 11-ти Март, Денот на Резервни сили на Армијата.
На одбележувањето присуствуваа командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал-мајор Павле Арсоски, заменикот на командантот на ЗОК, бригаден генерал Орце Јордев, команданти на единици во Армијата, претставници од Здружението на резервни офицери, државните и општествени организации од локалната самоуправа на општина Куманово.
Во своето обраќање командантот на единицата, полковник Ќиро Калков истакна дека се горди што се носители на традициите на овој настан од поновата историја на македонскиот народ, настан кога на караулата „Рамна Нива“ во Крива Паланка 11-ти март 1992 година за првпат на државната граница се развиори државното знаме со што се заокружи територијалниот интегритет на нашата држава и го означи создавањето на Армијата.
Командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски истакна дека во развојот и формирањето на командите и единиците на Армијата, во делот на активната и општата резерва, свое значајно место има улогата на Командата на резервни сили.
По повод Денот на единицата беа доделени стимулативни мерки за припадници од единицата за остварени резултати во работата и беа прочитани честитки за Денот на единицата.
Денешниот датум,11-ти март е одреден за Ден на Резервните сили на Армијата како датум со кој се одбележува преземањето на првата караула „Рамна Нива“ во Крива Паланка.
ЧС/БН