Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес се одржа пригодна воена свеченост по повод поставување на полковник Љубенчо Петровски на должност командант на Командата за обука и доктрини (КОД).
Полковник Петровски досега ја извршуваше должноста заменик на командантот на КОД, а по заминување во пензија на претходниот командант на КОД, полковник Љупчо Костовски успешно раководеше со оваа прво потчинета команда на Генералштабот на АРМ.
По предавање на военото знаме на командантот на КОД пред присутните се обратија началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и ново поставениот командант на КОД.
Генералот Величковски во своето обраќање го истакна значењето на КОД во системот на одбраната, притоа му посака на новиот командант успешно раководење со оваа команда и постигнување на врвни резултати.
Полковникот Петровски пред присутните ги соопшти понатамошните приоритети на КОД на кои ќе им посвети посебно внимание, особено во обучување и извежбување на персоналот на командите и единиците на АРМ со цел понатамошно подобрување на борбената готовност во овој сегмент.
КОД е потчинета команда на ГШ на АРМ чија мисија е организација, координација и реализација на индивидуална обука на војници, питомци, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав, поддршка на колективната обука на командите и единиците на Армијата на Република Македонија и развој на Доктрините и научените лекции во Армијата на Република Македонија.