Делегација на Армијата предводена од заменик на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин во текот на вчерашниот ден во Церкље, Република Словенија, присуствуваше на Денот за високи гости на првиот дел од меѓународната вежба „Брз одговор 19“, кој воедно беше и одбележување на денот на словенската војска.
На денот на високи гости на кој покрај највисокиот државен и воен врв на Словенија присуствуваа и голем број на делегации од воениот врв на земјите учеснички на вежбата, генералот Нуредин се сретна со припадниците на македонскиот контингент од составот на воздухопловната бригада кои учествуваат на вежбата, при што им ги пренесе пофалните зборови од организаторот на вежбата за ангажманот и покажаното залагање.
„Брз одговор 19“ е вежба која се организира од страна на командата на Армијата на САД во Европа и се реализира истовремено на повеќе локации во Република Словенија, Унгарија и Република Хрватска и на истата секоја година учествуваат и наши припадници од различни единици на Армијата.
Цел на оваа вежба, на која учествуваат 6.500 припадници од армии на 15 држави и која се изведува во период од 10 мај до 7 јуни е подобрување на интероперабилноста и регионалната соработка помеѓу земјите учеснички и компатибилноста во спроведување на процесот на донесување на воени одлуки, процедурите и комуникацијата помеѓу армиите.